Името на Oпштината е добиено по воениот аеродром (кој се наоѓал кај поликлиниката „Јане Сандански” и касарната „Гоце Делчев”), кој бил бомбардиран од нацистичка Германија во април 1941 година.
Како најново и најсовремено превозно средство, авионите последни биле вклучени во сообраќајот во Скопје. Аеродромот бил наречен „Скопје”, а се наоѓал сосем на крајот од градот, кај денешната населба„Аеродром“.
Првиот патнички авион слетал во Скопје на 15 јуни 1928 година. Авионот бил од типот „Потез-29”, а превезувал 5 патници.
Во 1929 година била воспоставена авионска линија Солун-Скопје-Белград. Времето на тргнување било така планирано што на патниците и трговците од Солун им овозможувало заштеда на време. Авионите поаѓале од Скопје во 07:00 часот наутро.



